Светски ден на менталното здравје во услови на COVID-19 пандемија
Светскиот ден за заштита на менталното здравје се одбележува во организација на Светската федерација за ментално здравје (WFMH) од 1992 година, на ден 10 Октомври секоја година во повеќе од сто земји низ целиот свет.
Менталното здравје е составен дел на општото здравје. Тоа претставува важен ресурс за поединецот, семејството и нацијата.Проблемите и пореметувањата на менталното здравје, поради релативно високата преваленца и често хроничниот тек, како и почетокот во младата возраст и адолесценцијата, претставуваат еден од приоритетните јавно-здравствени проблеми.World Federation for Mental Health.
Светскиот ден на грижа за ментално здравје, 10 октомври, потсетувa на важноста на менталното здравје за целата популација.
„Во услови на Ковид-19 важно е да се обрне внимание на влијанието на кризата врз менталното здравје на групите под ризик, како што се повозрасни лица, децата и адолесцентите, различни групи со зголемен ризик за насилство, лицата кои веќе се лекуваат од ментални растројства, како и на здравствените работници, кои несебично ги вложуваат сите свои човечки потенцијали за справување со пандемијата и за зачувување и подобрување на здравствениот статус на населението“, велат од Министерството за здравство.
„Грижата за нашето ментално здравје е исто толку важна како и грижата за физичкото здравје.”
Во поддршка на овој важен сегмент на колективното здравје, Клиниката за психијатрија е активно вклучена во справувањето во борбата со коронавирусот и токму во насока на унапредување на менталното здравје. Клиниката има отворено повеќе телефонски линии за различни целни групи и почнувајќи од март оваа година досега се реализирани над 4500 телефонски разговори за психолошка поддршка на граѓаните за време на пандемијата со Ковид 19. Од Клиниката за психијатрија информираат дека во тек е меѓународно истражување за менталното здравје на населението за време на мерките за контрола на пандемија со овој вирус. Координатор на истражувањето е италијанското здружение за социјална психијатрија, а координатор за нашата држава е токму Универзитетската клиника за психијатрија. Оваа студија се спроведува со цел да се изврши процена на влијанието на пандемијата Ковид-19, како и воведените рестриктивни мерки врз менталното здравје кај нашето население како основа за развој на соодветни здравствени интервенции.
„Во изминатиот период покажавме вистинска грижа и беа реализирани бројни активности за унапредување на условите за третман за пациентите во установите кои ја третираат оваа категорија пациенти. Универзитетската клиника за психијатрија е учесник во два интернационални проекти за ментално здравје во заедницата во рамки на програмата Horison 2020 на Европската Комисија – ИМПУЛС кој е раководен од Queen Mary University од Лондон и RECOVERY кој е раководен од Trimbos Institute од Утрехт. Во овој период на пандемија со Ковид, имаме опсежна и успешна соработка со УНИЦЕФ, како и координираност со СЗО.“, велат од Клиниката за психијатрија.
Токму на овој ден уште еднаш потсетуваме за важноста од грижата на нашето ментално здравје, посебно во време на светска пандемија со Ковид-19 и апелираме граѓаните да побараат стручна помош, психијатар или психолог доколку стресот е присутен во текот на дневните активности подолг период и не успеат да најдат начин како да се справат со него, апелираат од Министерството за здравство.
Една од целите е да се намали бројот на болничките кревети во психијатриските болници и да се прифати пристап кој се заснова на обезбедување грижа поблиску до местото каде живеат и работат пациентите. Ваквата грижа треба да понуди унапредување на:
-
менталното здравје на населението;
-
службите за превенција на менталните болести и
-
лекувањето близу сопствениот дом на пациентот во соработка со примарната здравствена заштита.
Менталното здравје вклучува емоционална, психолошка и социјална благосостојба. Менталното здравје влијае на тоа како размислуваме, што чувствуваме и како дејствуваме. Исто така, од менталното здравје зависи како се справуваме со стресот, како се однесуваме со другите и како ги правиме изборите. Менталното здравје е важно во секој период од животот, во текот на детството и адолесценцијата вклучувајќи ја и зрелоста. Постојат различни ментални нарушувања, со различно претставување. Тие обично се карактеризираат со комбинација на абнормални мисли, перцепции, емоции, однесување и односи со другите.
Менталните нарушувања вклучуваат: депресија, биполарно афективно нарушување, шизофренија и други психози, деменција, интелектуална попреченост и нарушувања во развојот, вклучувајќи аутизам. Постојат ефикасни стратегии за спречување на менталните нарушувања како што е депресијата.
Постојат ефикасни третмани за менталните нарушувања и начини за ублажување на страдањата предизвикани од нив. Клучот е пристапот до здравствена заштита и социјални услуги кои можат да обезбедат третман и социјална поддршка. Оптоварувањето со ментални нарушувања продолжува да расте со значително влијание врз здравјето предизвикувајќи големи социјални и економски последици и последици врз човековите права во сите земји во светот.
Кој е изложен на ризик од ментални нарушувања?
Детерминантите на менталното здравје и менталните нарушувања не вклучуваат само индивидуални карактеристики како што е способноста да се управува со сопствените мисли, емоции, однесувања и интеракции со другите, туку и социјални, културни, економски, политички и еколошки фактори како што се националните политики, социјалната заштита, стандардите на живеење, услови за работа и поддршка на заедницата. Стресот, генетиката, исхраната, перинаталните инфекции и изложеноста на опасности по животната средина, исто така, придонесуваат за појава на ментални нарушувања.
ПРЕДЛОГ МЕРКИ
Основна цел на здравствената заштита од ментални болести во Република Северна Македонија е да се превземе следното:
-
Подготвување на нова стратегија за унапредување на менталното здравје усогласена со Европската стратегија .
-
Посветување поголемо внимание во текот на животот на промоцијата и на заштитата на менталното здравје, особено на социјално и економски загрозените групи;
-
Обезбедување животна и работна средина на луѓето од сите возрасти, со цел да се добие чувство на кохерентност, здрави социјални односи и моќ за спротивставување со стресните ситуации;
-
Здравствените и другите соодветни професии треба да бидат обучени за рано откривање на ментални проблеми и за давање прва помош. Во примарната здравствена заштита се потребни систематски програми за обука на лекарите, со цел подобрување на нивните вештини за дијагноза и лекување од ментални заболувања, но и едукација за време на специјализацијата и во психолошката наука;
-
Обезбедување на квалитетна заштита на лицата со ментални здравствени проблеми, со здружување на општествените и на здравствените служби, со особено внимание на ризичните групи;
-
Потребно е применување на современи методи за советување и згрижување на болните од ментални заболувања во новоотворените Центри за депресија;
-
Намалување на болничките постели во големите психијатриски болници, со што ќе се придонесе за вклучување на поголем број на пациенти во општеството со цел нивна ресоцијализација и рехабилитација;
-
Подобрување на условите на сегашните хоспитални установи, особено за пациенти за кои е неопходна подолготрајна хоспитализација;
-
Организирање и имплементација на заштитни домови (хотели) кои можат да бидат организирани од јавното здравство, или да бидат приватни;
-
Отварање на психијатриски одделенија во општите болници за краткотрајни престои за акутните или за повторно актуелизирани состојби;
-
Отварање на центри за советување на млади брачни двојки;
-
Кабинети за неврози, за психози и за пострауматски стресни заболувања;
-
Центри за превенција на суициди и на кризни состојби;
-
Социјални клубови;
-
Отварање на специјални центри во кои ќе бидат хоспитализирани пациенти испратени на лекување и чување со судска одлука, со посебни оддели за опсервација на луѓе лишени од слобода, заради судско психијатриско вештачење;
-
Отварање на повеќе центри за ментално здравје за деца и за млади;
-
Отварање на психогеријатриски центри кои ќе имаат превентивно значење и куративна содржина во својата работа, заради подобрување на квалитетот на живеењето кај возрасните луѓе;
-
Формирање координативно тело кое ќе биде поврзано со активностите на невладините организации чие дејствување се одвива во областа на менталното здравје како стручна и пролонгирана едукација на сите оние кои, со својата активност низ разни невладини организации, можат да придонесат во превенцијата на менталните растројства;
-
Изготвување на единствени доктринарни ставови во психијатријата;
-
Неопходно е да се направат програми за едукација на населението користејќи ги сите можни информативни средства: електронски медиуми, предавањата кои на достапен и разбирлив начин ќе ги променат когнитивните ставови кон овој вид заболувања, а со тоа и однесувањето на средината – тренд на социјално орентирана психијатрија;
-
Едукација на семејството низ организирани форми;
-
Едукација во училиштата со приспособен и разбирлив приод;
-
Посебни едукативни програми за корисниците на услуги на менталното здравје, заради запознавање на сопствената болест;
-
Едукација на затворскиот персонал и полициските службеници за ментално здравје и за превенција на суицидите;