Светски ден за борба против СИДА 2020
Глобална солидарност, флексибилни услуги
38.000.000 проценет број на луѓе кои живеат со ХИВ во 2019 година
1.700.000 луѓе биле ново заразени со ХИВ во 2019 година
690 000 луѓе починаа од причини поврзани со ХИВ во 2019 година
68 % од возрасните што живеат со ХИВ примале доживотна антиретровирусна терапија (АРТ) во 2019 година
Светот постигна значителен напредок од крајот на 90-тите години на минатиот век, но ХИВ останува главно глобално јавно здравствено прашање. И, како и многу други големи здравствени проблеми, се соочува со дополнителни предизвици за време на пандемијата КОВИД-19.
Службите за превенција, тестирање, лекување и нега на ХИВ се нарушени особено во земјите со кревки системи на здравјето. Намалувањето на основните услуги за ХИВ како резултат на КОВИД-19 претставува закана за животот. Секое забавување на обезбедувањето на овие услуги ќе остави многу ранливи популации под поголем ризик од ХИВ инфекција и смртни случаи поврзани со СИДА. Како и да е, низ целиот свет, здравствените работници и претставниците на заедницата прават се’ за да ги одржат услугите, усвојувајќи иновативни начини за надминување на нарушувањата во услугите предизвикани од КОВИД-19.
На 1 декември СЗО им се придружува на партнерите во оддавање почит на сите кои работат на обезбедување на услуги за ХИВ и во повикувањето на глобалните лидери и граѓани да се соберат на „глобална солидарност“ за одржување на основните услуги за ХИВ за време на КОВИД 19 и пошироко. Тоа е повик да се фокусираме на ранливите групи кои се веќе изложени на ризик и да го прошират опфатот на деца и адолесценти. И во 2020 година, Меѓународната година на медицинска сестра и акушерка, тоа е повик за поголема заштита и поддршка на овие здравствени работници кои долго време се на фронтот на испорака на услуги за ХИВ. Сите можеме да придонесеме во напорите да се стави крај на сидата и да се направи светот поздраво место.
Во текот на 2020 година до 30 ноември регистрирани се вкупно 29 нови лица со потврдена ХИВ-инфекција.
Според возраста, новодијагностицираните припаѓаат на следниве возрасни групи:
20-29 – 8 лица
30-39 – 11 лица
40-49 – 7 лица
50-59 – 2 лица
60-69 – 1 лице
Сите новодијагностицирани се од машки пол, додека според начинот на пренос, кај 25 лица инфекцијата се случила во рамките на популацијата на мажи што имаат секс со мажи, а 4 лица се изјасниле како хетеросексуалци.
Осуммина се доцна дијагностицирани, а од нив 3 лица починале.
Половина од новодијагностицираните ХИВ-тестот го направиле во сервисите коишто нудат бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање и советување – во невладините организации и во рамките на институциите. Останатите половина биле дијагностицирани во други здравствени установи или дошле од странство.
До овој момент на Клиниката за инфективни болести вкупно 306 пациенти се вклучени во системот на здравствена заштита во врска со ХИВ, а 99% (n=303) од нив примаат антиретровирусна терапија, што е исклучително висок процент. Само 3 лица сè уште не почнале да примаат терапија, поради тоа што во тек е спроведувањето на неопходни претходни анализи, средување на документи поврзани со здравственото осигурување, или по личен избор на пациентот.
Во овој момент кај 91% од пациентите вирусот е супримиран, односно имаат т.н. недетектабилно ниво на вирус во крвта. Се очекува ова да се постигне кај сите пациенти што почнале со терапија. Тогаш имунитетот на пациентите може да ја врши својата функција и да се регенерира, а исто така, исклучена е и можноста за пренос на вирусот. Во текот на 2020 година починаа вкупно 6 пациенти, при што 4 лица биле доцна дијагностицирани, а 2 лица одбиле да се лекуваат.
На сите пациенти им се нуди стручна психосоцијална поддршка во врска со започнувањето на антиретровирусната терапија со цел да се осигури правилно и редовно земање на лековите и да се избегнат евентуални несакани ефекти. Пациентите имаат постојана достапност на тимот кој дава медицинска и психосоцијална поддршка. Во услови на КОВИД-19 се остварува зачестена телефонска комуникација со пациентите, особено со оние кои неодамна се вклучиле во лекувањето.
Програмски податоци за спроведувањето на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2020 година
Оваа година, поради пандемијата со КОВИД-19, целата програма се спроведува во вонредна состојба којашто директно влијае во обемот на работата што ја спроведуваат организациите, но сепак се постигнати значајни резултати. Платформата на граѓански организации ангажирани во имплементацијата на ХИВ програмата на почетокот на пандемијата подготви протокол за работа во време на вонредната состојба, кој е во согласност со насоките на Министерството за здравство, запазувајќи ги сите потребни заштитни мерки при нудење на услугите. Истовремено дадени беа насоки опфатените клиенти од сите граѓански организации да бидат информирани за КОВИД-19 и мерките што треба да ги почитуваат со цел нивна лична заштита и заштита на нивните семејства и блиски.
Во периодот од 1 јануари до 30 ноември 2020 година со основен пакет на услуги за превенција опфатени се 8.353 лица од клучните популации засегнати од ХИВ, и тоа:
вкупно 3.656 лица што инјектираат дрога (остварување од 81% на поставената цел од 4.500 лица), од кои 313 се нови лица;
вкупно 1.596 сексуални работници (остварување од 86% од поставената цел), од кои 144 се нови корисници на услугите;
вкупно 3.101 мажи кои имаат секс со мажи (остварување од 62% од поставената цел), од кои 641 нови корисници на услугите.
Дополнително на основниот пакет во рамките на Програмата дадени се и:
медицински услуги и информации: 23.529
социјални услуги: 20.362
психолошки услуги: 497
со советување и тестирање за сексуално преносливи инфекции или услуга досега се опфатени вкупно 509 припадници на клучните засегнати популации и 348 млади
со услуги за поддршка во рамките на заедницата се опфатени 505 лица што инјектираат дрога
со услуги за поддршка во рамките на заедницата се опфатени 113 лица што живеат со ХИВ
Со програмата за бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање со брзи скрининг тестови преку граѓанските организации опфатени биле вкупно 1773 припадници на клучните засегнати популации и тоа:
431 лица што инјектираат дрога
418 сексуални работници
750 мажи што имаат секс со мажи
Притоа биле детектирани 11 реактивни резултати на тестовите и овие лица биле поврзани со Клиниката за инфективни болести за потврда на дијагнозата. Со оваа програма биле опфатени 174 припадници на општата популација, вклучително и млади. Меѓу сите клучни засегнати популации, дистрибуирани се вкупно 219.508 кондоми и 54.480 информативни и едукативни материјали.
Текстот е подготвен од Национална Комисија за спречување на ширење на ХИВ инфекцијата во Р. С. Македонија